Екс-министерот Кренар Лога кој доаѓа од крилото на Алијансата за Албанците на Зијадин Села, одговори на изјавите на Изет Меџити кој рече дека ќе има големи поместувања во рамките на опозициската коалиција „Европски Фронт“. Лога во објава на Фејсбук индиректно порача дека нема да бидат дел од Владата.

„Ако некој од едната или другата страна го сонувал сонот на магарето (со волкот) дека ќе нè покани за да нè направи како себе и да земе од нашата национална свест и моралот на победникот на изборите — тоа е наивност, кажано поблаго.

Или, ако некој излезе да направи „патриотски туш“ и перење од вина, и истовремено се обиде да ни го пропише нашиот пат заедно со Мицко-едноставно не нè познава или нè меша со себе. Оваа влада е антиалбанска. Точка. Ајде во заеднички фронт на Албанците“, објави Лога на социјалните мрежи.

Меџити претходно не прецизираше дали Села ќе премине во ВЛЕН, но додаде дека ќе има големи придвижувања.

„Има изјави дека „Европски фронт“ веќе не постои. Ова го изјави господинот Таравари, така што однадвор подобро ја знаат ситуацијата отколку внатре во „Фронтот“. Значи, овде господинот Али Ахмети го прекрши правилото со соработка со делови од ВЛЕН или со Таравари, и ако е така, играта не е завршена и очекувам да има поголеми движења“, посочи еден од лидерите на ВЛЕН.