Кандидатката за градоначалник на Општина Бутел од СДСМ, Оливера Ливриниќ, оствари средби со жителите на населбата Визбегово, каде што разговараше за секојдневните проблеми со кои се соочуваат граѓаните и ги претстави приоритетните мерки од својата програма за овој дел од општината.
„Во Визбегово кога врне и кога не врне е исто – тротоари немаме. Тоа мора да се промени. Мој приоритет ќе биде изградба на тротоари на сите улици и асфалтирање на улиците и нивните краци, за да имаме уредна и безбедна населба. Планираме и поставување лежечки полицајци на повеќе локации за да ја зголемиме безбедноста на пешаците“, истакна Ливриниќ.
Таа додаде дека грижата за животната средина и за животните мора да биде дел од локалната политика, најавувајќи изградба на стационар за кучиња и програми за уредување на јавните површини.
Како дел од визијата за поквалитетен живот, Ливриниќ најави и мини плоштад во центарот на населбата, опремен со урбана опрема – простор за дружење, културни настани и заедништво на жителите.
„Старото училиште ќе добие нова функција – детска градинка. Визбегово заслужува современ и безбеден простор за нашите најмали“, додаде таа.
Ливриниќ рече дека во соработка со Град Скопје, ќе биде воведена и нова автобуска линија Радишани – Визбегово – Карпош, со што ќе се подобри поврзаноста и ќе се намали сообраќајниот метеж.
„Визбегово ќе го направиме пример за тоа како една населба може да биде уредна, безбедна и пријатна за живеење. Ова не се ветувања, туку план кој заедно со жителите ќе го спроведеме“, порача Оливера Ливриниќ.