Во мојата програма јасно најавив мерка за ослободување од надоместок за плаќање на оброк и ужина за сите деца на сите наши сограѓани во Општина Бутел – без исклучок и без поделби. Денеска, Советот на Општина Бутел усвои две мерки со слична содржина. Тоа не го сметам за проблем, напротив – го поздравувам и поддржувам секој чекор кој е во интерес на граѓаните, вели кандидатката за градоначалничка на Општина Бутел од СДСМ, Оливера Ливриниќ.

Но, како што вели, проблемот е начинот и времето на донесување на овие одлуки.

„Претседателот на Советот и градоначалникот Костовски добро знаат дека се наоѓаме во предизборна кампања, и тоа во последниот ден од истата, кога согласно закон е строго забрането донесување одлуки кои имаат финансиски импликации врз општинскиот буџет. Морале и можеле оваа мерка да ја донесат на законски начин на почеток на училишната година и пред изборната кампања“, вели Ливриниќ.

За жал, додава таа, со ваквите потези, мерките што се носат денес нема да имаат реален ефект врз граѓаните, бидејќи постои сериозна можност да бидат оспорени од Државната изборна комисија (ДИК) и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).