Литванија и Летонија почнаа со изградба на ограда на границата со Белорусија за да ги спречат илегалните мигранти да влезат во Европска Унија преку нејзините надворешни граници.
Литванија почна со изградба на ограда долга 508 километри, која треба да биде завршена до 2022 година, а ќе чини 152 милиони евра.
Во соседна Летонија, исто така, почна работата за изградба на ограда на границата со Белорусија. Како краткорочно решение ќе биде поставена повеќе од 37 километри спирална бодликава жица на различни делови од границата.
Владите во Вилнус и во Рига ја обвинуваат Белорусија дека им помага на бегалците од воените зони да стигнат до надворешната граница на ЕУ и со тоа сакаат да создадат миграциска криза.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко ја предупреди ЕУ кон крајот на мај дека неговата земја повеќе нема да ги спречува мигрантите да пристигнуваат во ЕУ, како одмазда за санкциите од Западот против Минск.
Литванија, Летонија и Полска се соочуваат со бран илегални мигранти од Блискиот Исток што ги преминуваат нивните граници. Трите држави прогласија вонредна состојба во пограничната зона.