Литванија има намера да изгради ѕид долж границата со Белорусија како бариера против протокот на мигранти, изјави премиерката Ингрида Шимоните на денешната прес-конференција.
-Почнуваме да градиме дополнителна физичка бариера што ќе ги оддели Литванија и Белорусија, и ова ќе стане јасен знак и одреден фактор на задржување за оние што го организираат протокот на илегални мигранти, рече таа.
Британските медиуми наведуваат дека премиерката на пресот истакна дека земјата ќе ги вклучи и армиските сили во граничните патроли.
Вилнус неодамна информираше за зголемување на бројот на илегални мигранти приведени на границата со Белорусија, откако од 1 јуни биле регистрирани повеќе од 1.000 илегални мигранти.
Белорускиот претседател, Александар Лукашенко, од своја страна, се закани дека Минск повеќе нема да ги спречува оние кои сакаат илегално да емигрираат во земјите на ЕУ, бидејќи земјата нема „ниту пари, ниту сила“ заради санкциите на Западот.