Хрвоје Хорват е новиот селектор на ракометната репрезентација на Хрватска, потврди ракометната федерација на оваа земја.
Хрватската ракометна федерација (ХНС) ја прифати оставката на Лино Червар кој предложи тројца кандидати за свој наследник, Хрвоје Хорват, Ивано Балиќ и Славко Голужа. Червар уште по поразот од Аргентина на Светското првенство во Египет си поднесе оставка.
– По исцрпна расправа и детална анализа на секој од понудените кандидати, утврдено е дека Ивано Балиќ за жал не поседува потребна лиценца за извршување на селекторска функција. Од преостанатите двајца кандидати, Управниот одбор на ХНС со мнозинство на гласови и со по еден против и воздржан, одлучи поради континуитет во работата со репрезентацијата, за нов селектор да биде именуван Хрвоје Хорват – објави ХНС.
Хорват на последните три големи натпреварувања му беше помошник на Лино Червар и добро ги познава ракометарите, а на клупски план има одлични резултати со екипата на Нексе.