По повод 15 Мај Меѓународниот ден на семејството, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, заедно со амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија Фатих Улусој, испратија пораки до јавноста.

„Денес, по повод Меѓународниот ден на семејството, заедно со амбасадорот на Турција, ги реафирмираме нашите долгогодишни пријателски односи и нашата заедничка посветеност кон унапредување на семејството како основна вредност и столб на општеството.

Семејството претставува извор на стабилност, љубов и солидарност, и затоа нашата соработка се фокусира на креирање политики што ќе го поддржат неговото јакнење – преку социјални услуги, поддршка за младите генерации и развој на инклузивни и одржливи мерки.

Како институција, нашата основна задача е да обезбедиме поддршка за сите форми на семејства и да ги задоволиме нивните различни потреби“.

Во таа насока, нагласи Лимани, министерството активно спроведува низа значајни иницијативи со цел унапредување на заштитата на децата и поддршката на семејствата.

Меѓу нив како што истакна се: Имплементација на Европската детска гаранција, со акцент на еднаков пристап до основни услуги за најранливите деца. Промоција на позитивно родителство, преку обуки, ресурси и поддршка за родителите. Развој на систем за рана интервенција, насочен кон навремено препознавање и поддршка на деца со потешкотии во развојот. Изработка на Национален акциски план за правата на децата (2025–2029), како стратешки документ за унапредување на детските права. Законски измени за зајакнување на заштитата на децата, вклучувајќи формирање на специјализирано тело за следење на нивните права. Унапредување на системот за згрижување, со отворање на нови центри за поддршка на згрижувачките семејства. Изработка на нов Граѓански законик, со што ќе се унапредат семејноправните односи и ќе се приближиме до европските правни стандарди.

Веруваме, додаде Лимани дека преку стратешка соработка, размена на знаења и заедничка посветеност, можеме да создадеме инклузивна, праведна и одржлива заедница за сите.