Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска присуствуваше на настан во организација на Националниот младински совет на Македонија , на кој се дискутираше за значењето на имплементацијата на ЕУ младинскиот дијалог во Македонија.
Обраќајќи се пред присутните млади, Лимани ја истакна важноста од вклучувањето на младите во сите сфери на општественото живеење.
„Колку сите ние сме посвесни за важноста на вклученоста на младите во сите сфери на општественото живеење, толку поуспешни ќе ни бидат процесите во државата. И наместо за проблеми, ќе зборуваме за успеси. За напредокот во образованието, здравството, инфраструктурата, детската и социјалната заштита, ќе зборуваме за вработувања, за успеси во културата и спортот итн. Затоа, а и за уште многу причини, потребни ни се младите. Потребни сте ни Вие“, порача Лимани.
Осврнувајќи се на денешната тема за важноста и потребата од имплементација на ЕУ младинскиот дијалог во Република Северна Македонија, тој го посочи Законот за младинско учество и младински политики кој е првото легислативно решение кое ги регулира формите на младинско организирање и учество во процесите на креирање политики. Но, иако законот не го спомнува изрично ЕУ дијалогот за млади, тој дава насоки за поттикнување на структурен дијалог на национално и локално ниво.
„Сметам дека имплементацијата на ЕУ младинскиот дијалог во нашата држава би претставувал враќање на довербата на младите во институциите, на подигање на свеста на значењето на вклученоста на младите на национално и локално ниво, враќање на надежта на младите дека тие се носителите на промените, дека се слушнати и дека им е дадена шанса активно да учествуваат во градењето на својата држава,“ рече Лимани.
Тој повика на заедничка акција во креирањето на цврсто партнерство помеѓу институциите, граѓанскиот сектор, Националниот младински совет на Македонија, како најголемо претставничко тело на младите и сите млади.