Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денес, и официјално ги потпиша договорите за грант за развој на социјални услуги со девет општини од вкупно 26 одобрени апликации.

Доделувањето на грантовите е во рамките на третиот јавен повик од проектот за подобрување на социјалните услуги, кој се реализира со поддршка од Светската банка.

Министерот истакна дека овој повик е продолжение на заложбите за изградба на инклузивен и одржлив систем на социјална заштита, насочен кон потребите на граѓаните во локалните заедници.

Во рамките на настанот беа потпишани договори со општините: Гевгелија, Охрид, Шуто Оризари, Арачиново, Карпош, Могила, Новаци, Ресен и Старо Нагоричане за воспоставување нови социјални услуги, како што се: помош и нега во домот, дневен за стари лица со активно стареење и дневен центар за лица со попреченост со индивидуален третман.

Претходно, преку првите два јавни повика беа поддржани 34 проекти во 43 општини, со вклучување на над 460 негуватели, а над 1.600 граѓани веќе користат услуги поддржани од овој проект.

„Овие проекти не само што обезбедуваат грижа за најранливите туку ја отвораат и можноста за економска и социјална активација на лица што досега биле изолирани од пазарот на трудот – долгорочно невработени, корисници на гарантирана минимална помош, самохрани родители“, рече министерот.

Проектот за подобрување на социјалните услуги е дел од системскиот процес на децентрализација и плурализација на социјалната заштита, каде што општините имаат сè поцентрална улога во креирањето и спроведувањето услуги според реалните потреби на нивните граѓани.

Министерството најави континуитет на поддршка за сите локални самоуправи и даватели на услуги, кои покажуваат иницијатива и капацитет за развој на услуги што ќе обезбедат повисок квалитет на живот за граѓаните во целата држава.

Текстот Лимани: Доделени 26 нови грантa за развој на социјални услуги на локално ниво е превземен од МАКФАКС.