Во Владата денеска се одржа настан по повод промовирање на петгодишната програма 2026–2030 на УНФПА за државата насловен- Демографски трендови – заедничка акција за инвестирање и искористување на човечкиот капитал преку петгодишната програма на Владата и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани истакна дека со новата петгодишна програма 2026–2030, одобрена од Владата и Извршниот одбор на УНФПА, Северна Македонија влегува во ново поглавје.
„Нашата цел е едноставна, но голема: да инвестираме во луѓето, во нивниот потенцијал, во нивната иднина. Да ги поддржиме младите за да имаат шанса да учат, да работат и да успеваат токму овде, дома. Да ги охрабриме оние кои заминале да се вратат за да донесат знаење, идеи и нова енергија во земјата. Да ги зајакнеме семејствата бидејќи тие се коренот на секое здраво и стабилно општество. Да создадеме услови во кои секое дете, без исклучок, ќе има еднакви можности за раст и развој. Да изградиме локални заедници кои нудат квалитетен живот, за секој граѓанин да може да ја гледа својата иднина таму каде што живее. Но оваа визија не може да се реализира ако делуваме поединечно. За да успееме, мора да ја градиме иднината заедно. Kога државните институции, локалната самоуправа, граѓанските организации и бизнис-заедницата работат како едно, можеме да ја претвориме програмата во реалност“, истакна Лимани.
Директорка на УНФПА за регионот на Источна Европа и Централна Азија, Флоренс Бауер истакна дека новата Програма за државата е прослава на заедничка визија за демографски отпорно и социјално инклузивно општество.
„Документот е усогласен со националните приоритети на Владата со стратешки фокус кон ставање крај на нееднаквостите, обврската да инвестираме во човечкиот капитал на Северна Македонија и да обезбедиме просперитетна иднина за сите граѓани“, истакна Бауер.
Петгодишната програма на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) за периодот 2026-2030 година ја презентираше Афродита Шаља, шефица на канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија.