Годината 2025 беше година на предизвици, но и на конкретни резултати. Заедно работевме на зајакнување на социјалната заштита, проширување на услугите во заедницата и поддршка на најранливите граѓани, вклучително и лицата со попреченост.
Во центарот на нашите политики беа децата, преку инвестиции во нови градинки, зајакнување на системот за заштита на децата и промовирање на згрижувачките семејства како најхумана форма на грижа, истакна министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.

„Со одговорност и почит, ja унапредивме и грижaта за постарите лица, создавајќи нови услуги, центри за активно стареење и поголема финансиска сигурност за генерациите што ја изградија нашата држава.
Исто така, инвестиравме во младите – во нивниот развој, вработување и активно вклучување, затоа што тие се енергијата и носителите на иднината.
Семејството останува столб на нашето општество, а демографијата – огледало на колективната надеж. Затоа, 2026 година ќе биде година на уште посилен ангажман за задржување на младите во земјата, за поддршка на семејствата и за градење инклузивни политики во образованието, вработувањето, домувањето и социјалната благосостојба – политики што не оставаат никого зад себе и ја враќаат вербата дека иднината може и мора да се гради тука.

Да посакаме повеќе раѓања отколку заминувања, повеќе насмевки отколку несигурност, повеќе доверба отколку сомнеж.
Да изградиме заедно општество што се грижи за најмладите, ги почитува постарите, ги поддржува најслабите и им дава крилја на младите“, кажа Лимани.

Текстот Лимани: 2026 година ќе биде година на уште посилен ангажман за задржување на младите во земјата, за поддршка на семејствата е превземен од МАКФАКС.