Да бидеме искрени, за целиов хаос околу европските интеграции што ни се случува дома виновна е ЕУ. Нејзината конфузија, бирократска инертност, отсуство на лидерство и визија и нивните внатрешни поделби. Одлуката на Макрон да го блокира стартот на преговорите во 2019 со фамозната инвенција за новата методологија имаше фатални последици врз кредибилитетот и исклучителната кохезиска снага во македонското општество која ја генерираа европските интеграциски процеси. Едноставно бевме излажани. На тоа се надоврза дрското бугарско однесување што конечно го создаде ова што денеска го живееме. Стравот од нови блокади е реален исто како и горчливиот вкус на ранетото национално достоинство но….Дали е тоа оправдување да се повлечеме во ќош и да плачеме и жалиме врз нашата судбина ? Јас мислам не. Напротив ова е момент кој налага серозна мобилизација во општеството на сите структури за да го вратиме во живот кредибилитетот на визијата за Обединета Европа и интеграција на целиот регион во европските структури бидејќи тоа е сепак единствениот спас од се повидливите знаци на реанимација на балканските атавизми кои Балканот може да го вратат во морбидните 90 години од минатиот век.
Македонија како најголем паталец во регионот треба сега да застане на чело на една широка регионална иницијатива која ќе ги опфати државните институции и граѓанските организации од целиот регион со цел да испрати јасна порака до ЕУ и сите меѓународни фактори дека е крајно време да се престане со сите игри околу проширувањето . Да побара од ЕУ јасно да се дефинира рок до кој сите земји од регионот ќе станат членки на ЕУ. Да побара ЕУ да ги отвори фондовите наменети за земјите членки да се користат од земјите во регионот во преговарачкиот процес со цел да се надмине се поголемиот социоекономнски јаз меѓу Балканот и ЕУ кој предизвикува масовен одлив на човечки потенцијали и се разбира , да и стави јасно на знаење на ЕУ дека непринципиелните блокади како она од Бугарија да бидат исклучени како опција во текот на преговорите. Ние самите или било која друга држава во регионот билатерално нема да успее да и ги наметне овие барања на ЕУ но целиот регион во еден глас во овие хаотични геополитички превирања и тоа како има шанси да се факторизира.
Исто така Македонија во овие критични околности треба да направи се за да ја задржи перспективата за членство во ЕУ како единствената платформа која го обединува големото мнозинство во општеството со јасна назнака за сите отстапки направени од нејзина страна како влог во нејзината желба и намера да го добие местото кое и припаѓа во европското семејство.
Политичките партии во Собранието на кои би им се придружил и граѓанскиот сектор треба да усвојат декларација во која ќе се испрати јасна порака до ЕУ дека општеството е подготвено да ги превеземе сите реформски зафати зацртани во европската агенда со јасна назнака дека македонското општество нема намера во процесот на европските интеграции да прифаќа било какви непринцпиелни барања кои излегуваат надвор од контекстот на европските вредности, наложени од било која земја членка на ЕУ а кои го повредуваат достоинството на било кои од народите кои живеат во Македонија.
Актуелните растечки поделби во општеството на проевропејци и антиевропејци , патриоти и предавници ….не водат никаде осем во изолација и понатамошна ескалција на полризацијата која е најкусиот пат кон самоуништувањето.
Македонија е на историски крстопат на кој не смее да го погреши правецот . Во таа смисла одговорноста на политичките лидери е исто така од историски карактер. Излез од лавиринтот во кои се најдовме поради сопствените слабости но и поради непринципелноста на ЕУ , постои. Потребна е љубов кон Македонија која ќе не извади од Собата за тага во која ризикуваме да се удавиме во сопствените солзи.
Борјан Јовановски
Превземено од Новатв.мк