Трите опозициски партии на Албанците во Собранието на Косово, Демократската партија на Косово (ПДК), Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК) се согласија денеска 26 јануари да биде датум за наредните редовни парламентарни избори, јави дописникот на МИА од Приштина.

Лидерите на косовската опозиција – Мемли Красниќи (ПДК), Љумир Абдиџику (ЛДК) и Рамуш Харадинај (ААК) – ја изразија својата поддршка за овој датум по средбата што ја одржаа денеска попладне со претседателката на државата, Вјоса Османи, која претходно ги покани партиските лидери на консултации за датумот на редовните избори.

Османи по средбата, на која не присуствуваше лидерот на владејачката партија, Движење самоопределување (ВВ), премиерот Албин Курти, изјави пред новинарите дека точниот датум ќе биде одреден кон средината на август.

Шефот на ПДК, Красниќи, предлагајќи 26 јануари да биде датумот на изборите, на Фејсбук напиша дека на граѓаните и на Косово им е потребна нова „одговорна, кредибилна и способна“ влада.

Красниќи изјави дека нема потреба од неоправдано одложување на изборите и дека ПДК неколку пати барала избори „гледајќи го досегашното лошо владеење“.

– Денеска на средба со претседателката на Косово, Вјоса Османи и со лидерите на другите парламентарни партии во Косово, го предложив 26 јануари 2025 година како оптимален датум кога треба да се одржат редовни национални избори во нашата земја. ПДК, согледувајќи го досегашното лошо владеење, неколкупати побара предвремени избори. Бидејќи предвремените избори не се одржаа, нема потреба од неоправдано одложување на редовните избори – затоа првиот валиден датум треба да биде датумот кога треба да одиме на избори, напиша Красниќи.

ЗА 26 јануари КАКО датум на изборите се согласи и претседателот на ЛДК, Абдиџику, кој рече дека изборите за неговата партија се секогаш прослава.

– Бидејќи, според уставните рокови, ни беа понудени четири датуми, оние од 26 јануари, 2 февруари, 9 февруари и 16 февруари, и во согласност со политичките убедувања на ЛДК – дека на земјата ѝ треба што поскоро нова Влада, која ќе го спречи разнебитувањето на државата, ќе ја залечи социјалната поларизација, ќе ја врати прозападната ориентација и ќе се фокусира на развојот и благосостојбата на граѓаните, го предложив 26 јануари 2025 година за датум на следните избори, напиша Абдиџику.

Тој напомена дека на овој состанок во Парламентот на Косово биле претставени 13 парламентарни партии, додека само ВВ на Курти и партијата на косовските Срби, Српска листа, не учествувале на состанокот свикан од претседателката.

И претседателот на ААК, поранешниот премиер Рамуш Харадинај, рече дека го предложил 26 јануари за датум на изборите, предлог за кој вели дека го поддржале и другите опозициски партии.

– Денеска на консултативната средба што ја свика претседателката Вјоса Османи Садриу за да се одреди датумот на општите избори во Република Косово, предложив парламентарните избори да се одржат на 26 јануари 2025 година. Ова е прв датум во согласност со законските рокови. Истиот став го искажаа и другите опозициски партии. Партиите на несрпските малцинства изразија подготвеност да го прифатат датумот на мнозинството или датумот што ќе го одреди претседателката. Самоопределување и Српска листа не учествуваа на средбата. Се надевам дека претседателката ќе го искористи своето уставно право и ќе го разгледа барањето на парламентарните партии кои беа дел од оваа средба и за ден на изборите го предложија на 26 јануари, се вели во реакцијата на Харадинај на Фејсбук.