Земјите од Г7 денеска објавија безбедносна рамка која го отвора патот за долгорочни безбедносни гаранции за Украина со цел да ја одбрани земјата од Русија и да ја одврати од можна идна агресија.

Во декларацијата се наведува дека денеска ќе започнат преговорите со Киев за официјализирање на постојаната поддршка на членките на Г7 за Украина и дека тоа ќе вклучува поддршка за понатамошен развој на украинската одбранбена индустрија, обука на украинските сили, размена на разузнавачки информации и поддршка во одбраната на сајбер просторот.

Покрај тоа, членките на Г7 ќе работат на зајакнување на економската стабилност и отпорност на Украина, што вклучува обнова и закрепнување на земјата по агресијата. Истовремено, на Украина ќе и биде овозможена техничка и финансиска поддршка за сегашните потреби, поради руската инвазија, но и ќе и се овозможи да продолжи со спроведувањето на реформите.

Во декларацијата се наведува дека земјите од Г7 ја повикуваат Русија на одговорност и дека воените и другите злосторства не смеат да останат неказнети.

-Во согласност со нашите правни системи, рускиот суверен имот под наша јурисдикција ќе остане недвижен додека Русија не ја плати штетата што и ја нанела на Украина, се вели во документот, додавајќи дека е неопходно да се воспостави меѓународен механизам за репарација на штети, загуби или повреди предизвикани од руската агресија.

За возврат, Украина ќе продолжи да спроведува судски, економски, безбедносни реформи, како и реформи во борбата против корупцијата, што ќе покаже дека Киев е посветен на демократијата, владеењето на правото, почитувањето на човековите права и слободата на медиумите.

Покрај тоа, Киев ќе работи на одбранбената реформа и модернизација, која вклучува подобрување на ефикасноста и транспарентноста во украинскиот одбранбен сектор.

-Ние, лидерите на Групата седум, ја потврдуваме нашата непоколеблива посветеност на стратешката цел за слободна, независна, демократска и суверена Украина, во нејзините меѓународно признати граници, способна да се одбрани од руската агресија, се вели во Декларацијата.

Се додава дека безбедноста на Украина е составен дел од безбедноста на евроатлантскиот регион.