Советот на ЕУ го усвои вчера предложениот пакет мерки, како одговор на одлуката на Русија да ги признае регионите Доњецк и Луганск во Украина како независни ентитети и последователната одлука за испраќање руски војници таму, се наведува во соопштението од Советот на ЕУ.
-Таквите одлуки се незаконски и неприфатливи. Тие го кршат меѓународното право, територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, сопствените обврски на Русија и дополнително ја ескалираат кризата, рече Жозеп Борел, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ.
Лидерите на ЕУ утре треба да се сретнат во Брисел на специјален самит за украинско-руската криза, соопшти попладнево претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, јави ДПА.
Во писмото-покана Мишел денеска им се заблагодари на лидерите на ЕУ за нивното неодамна покажано единство „особено преку брзото усвојување на пакетот санкции против Москва“.
Пакетот санкции вчера едногласно беше договорен на специјалниот состанок на министрите за надворешни работи во Париз и официјално усвоен денеска преку писмени изјансувања на сите земји членки.
Европската унија севкупно санкционира 555 поединци и 52 ентитети за кршење на независноста на Украина, но во соопштението објавено во име на земјите-членки се нагласува дека блокот во резерва држи дополнителни мерки, „во случај на потреба“.
Конкретно ЕУ санкциите ќе се применуваат врз владини министри, високи воени офицери и деловни луѓе од висок профил за нивната улога во „загрозување на територијалниот интегритет“ на Украина, се наведува во специјалното соопштение на ЕУ. Меѓу санкционираните е и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, за ДПА потврдија дипломатски извори.
Меѓу засегнатите цели се наоѓаат и 351 член на рускиот Парламент, кои ја поддржаа одлуката на Москва да ја признае независноста на двата региона, Доњецк и Луганск, во источна Украина, каде украинските владини трупи веќе осум години се борат со сепаратистите поддржани од Русија.
Санкциите ќе стапат во сила по нивното објавување во Службениот весник на Унијата во наредните неколку часа, се додава во соопштението на ЕУ.
Рестриктивните мерки вклучуваат замрзнување на имотот и забрана за обезбедување средства на наведените лица и институции. Дополнително, забраната за патување што се применува на наведените лица не им дозволува влез или транзит низ ЕУ.
Ограничувањата на економските односи со областите под контрола на сепаратистите во областите Доњецк и Луганск, исто така, стапуваат на сила.
Новите мерки ќе бидат насочени кон трговијата во двете области кон и од ЕУ за да се осигура дека одговорните јасно ги чувствуваат економските последици од нивните незаконски и агресивни дејствија. Со денешната одлука, особено, ќе се воведе забрана за увоз на стоки од регионите Доњецк и Луганск, ограничувања на трговијата и инвестициите поврзани со одредени економски сектори, забрана за давање туристички услуги и забрана за извоз на одредени стоки и технологии.
Советот на ЕУ забранува и финансирање на одредени сектори на Русија, нејзината влада и Централната банка. Со ограничување на способноста на руската држава и влада да пристапат до пазарот на капитал и финансиски услуги на ЕУ, Брисел има за цел да го ограничи финансирањето за ескалација на тензиите и агресивните политики.
ЕУ ја повикува Русија да го укине признавањето на областите под контрола на сепаратистите во источна Украина и да ги почитува своите обврски.
Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот драматично ја ескалира ситуацијата и ги зголеми тензиите со Западот, признавајќи ја „независноста„ на таканаречните „Доњецка и Луганска народна република“, а неколку часа подоцна и им нареди на руските војници да влезат во нив, тврдејќи дека ќе извршуваат мировни задачи.