Смртта на фудбалската легенда Диего Армандо Марадона во ноември минатата година доведе до голема истрага која треба да ги утврди околностите во кои починал славниот фудбалер, односно дали има одговорности на лекарите кои биле одговорни за неговата состојба.
Во таа насока, откриени се нови детали, кои укажуваат на тоа дека личниот лекар на Марадона, Леополдо Луке, фалсификувал потписи на медицинската документација, па сега се утврдуваат мотивите за неговите постапки.
Наводно, тој го сторил тоа за да може да има пристап до медицинските досиеја на неговиот пациент, пренесуваат странските медиуми.
– Три листови беа пронајдени заедно, тоа беше очигледно и многу невнимателно направено – беше речено од обвинителството по вештачењето на документацијата која беше запленета во полициската рација во куќата и канцеларијата на Луке.
– Анализата на експертите само ги потврди сомневањата кои ги имавме во врска со фалсификување на потписи – соопшти обвинителството, кое започна истрага откако семејството на славниот фудбалер беше убедено дека животот на Марадона можеше да биде спасен доколку побрзо се реагирало.
Со нови детали, истрагата сега ќе продолжи да утврди дали ова е дефинитивно природна смрт на Марадона која не можеше да се спречи, или пак сепак станува збор за убиство. Прерано е да се каже со какви обвиненија ќе се соочи Луке и дали воопшто ќе биде поднесена кривична пријава против него.
Лекарот зборуваше во своја одбрана уште порано, кога веќе кружеа приказни за неговата одговорност за смртта на Марадона.
– Сите ме гледаа, бидејќи знаеја дека јас сум единствената личност што може да извлече нешто од него. Никој друг не се осмели да влезе во неговата соба. Ме игнорираа на состаноците, само требаше да им ја олеснам ситуацијата со моето присуство – истакна Луке.