Левица на прес-конференција практично признаа дека податоците добиени од свиркачи за парите кои од сметката на партијата завршиле во џебови на тесното раководство се точни, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партија, парите од сметката на партијата Левица по разни основи завршиле кај тесното раководство на Левица. Мојсоска која самата изнесе информација дека била сметководител на Левица, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, требало да знае дека доколку ја говори вистината, актот е противзаконски.

„Правниците од Левица би требало да знаат дека во Законот за пратениците јасно е наведено:

– Член 4: „Функцијата пратеник во Собранието се врши професионално.“

– Член 5: „Пратеникот нема право да врши други јавни функции или професии, кои согласно со закон се неспојливи со функцијата пратеник.“

– Член 9: „Функцијата пратеник е неспојлива со вршењето на дејности со профитна цел.“

Законот е јасен Јована Мојсоска како пратеник, не смеела да остварува профит и да врши сметководствени услуги за Левица. Доколку е вистина улогата на сметководител, Мојсоска сериозно го прекршила Законот.

Левица бегајќи од вистината се заплетка во сопствените шеми за извлекување на партиски средства за лични потреби на раководството“.

Вистината, според ВМРО-ДПМНЕ, излезе на виделина.

„Левица под закрила на идеологија, чесност и приказни за неподмитливост испумпува пари на личните трансакциски сметки.

Пропагандата на Левица за чесност и неподмитливост се претвори во параван зад кои се испумпуваат пари.

Левица не е имуна на корупција и не се бори против неа, туку е дел од неа“.

Текстот Левица се заплетка во лагите за парите кои завршиле во џебовите на раководството, велат од ВМРО-ДПМНЕ е превземен од МАКФАКС.