Левица се огласи со соопштение во кое се вели дека е недозволиво надворешен фактор да одлучува за промена на македонскиот устав, алудирајќи на внесувањето на Бугарите во Уставот.
Соопштение на партијата Левица:
После состанокот помеѓу премиерите на Македонија и Бугарија на безбедносната Конференција во Минхен, Кирил Петков најави внесување на Бугарите во македонскиот Устав, при што Владата на СДСМ и ДУИ со заеднички предлог до Европската комисија ќе ја гарантира новата уставна промена. Ова неминовно значи дека промената на Уставот станува нов услов, кој ќе биде дел од преговарачката рамка за Бугарија да го тргне ветото.
За двојните аршини на европската бирократија, говори фактот што Бугарија стана дел од Европската Унија, без никакви условувања за човекови права и слободи – иако бугарскиот Устав е дискриминаторски и не го признава македонското малцинство. Дополнително, министерот за надворешни работи – Бујар Османи, уште еднаш ги потврди манипулациите и распродавањето на државните интереси, кои секојдневно ги реализира анемичната македонска дипломатија. Имено, деновиве Бујар Османи најави дека на повидок е нов “сеопфатен” договор со Бугарија, иако пред само три години, токму Османи тврдеше дека Македонија нема веќе отворени политички прашања.
Како што потврди и самиот Османи, реализирањето на новиот договор ќе зависи од тоа кога Владата ќе обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието, што ќе претставува само продолжение на Преспанското сценарио со уценување и купување пратеници. Иако, за разлика од тн Преспански Договор, во собранискиот состав сега се застапени и пратениците на Левица, кои ќе ги искористат сите средства за да спречат уште еден квинслишки договор на штета на Републиката.
Со спроведувањето на оваа идеја за добрососедство, предложена од бугарските „партнери“, неминовно продолжува распродавањето на македонската самобитност во име на Унијата. Македонскиот Устав, наместо највисок правен акт на државата, уште еднаш е претворен во средство за остварување на шовинистичите желби од соседните земји или етнички заедници и застапува сечии интереси, освен оние на Македонија.
Интеграциските процеси на пат кон Европската унија, предводени од оваа Влада, се претворија во евроколеничење, заради кое македонскиот народ во патот до Брисел се почесто гледа ќор- сокак. Нелегитимната Влада нема добиено мандат да води преговори со Бугарија и да дава гаранции за промени во Устав, ниту пак има мандат за вршење било каква уставна интервенција. Уставот е внатрешна работа на секоја држава и недозволиво е надворешен фактор да одлучува за негова промена.