Опозициската партија Левица ја обвини владата и општината Сарај за намерно уништување на езерото Треска, кое со самопридонес на работниците е изградено во 1978 година.
Левица тврди дека властите последните десетина години езерото намерно го запоставува и уништува со цел крупниот капитал да го приватизира.
Тие потсетуваат дека со одлука од Владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година, центарот бил делегиран на управување на Општина Сарај, која преку спроведувањето на „слободна туристичка зона“ почнале со дислокација на објектите.
„Оваа одлука, денес, практично ја спроведуваат Шилегов и Владата на СДСМ, преку градоначалникот на Сарај, Беџети, кому му е делегирана оваа одговорност“, обвинува Левица.
Според нив, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, тврдел дека на самото езеро Треска не се работи ништо, а Беџети тврди дека Општината само го направила планот, а понатаму постапката ја води Владата.
„Она што беше изградено од работниците, тие одлучија да го продадат на крупниот капитал и тоа за цена од 71 денар по метар квадратен (!) отуѓувајќи вкупно 85.310 квадрати“, тврдат од Левица и додават дека после спроведувањето на приватизацијата, езерото Треска, ревитализираните игралиштата, патеки, урбаната и останатата опрема, ветени од Шилегов, ќе им биде достапно само на богатите и транзиционата елита, додека обичните граѓани кои солидарно го градеа, ќе изгубат драгоцен спомен од една поинаква слика на Скопје.