Лекарската комора не ги соопштува имињата на лекарите кои направиле стручен надзор за случајот на родилката од Дебар која по породување со царски рез дома си замина без бубрег, јајник и матка оти нивната безбедност е гарантирана за да не им се вршат притисоци.

Претседателката на Комората, Калина Гривчева – Старделова, поради многуте обвинувања во јавноста, излезе на прес – конференција, за како што рече, да ги разјасни неразјаснетите делови од нивата работа и најави дека конечната одлука за случајот на родилката од Дебар ќе ја донесе министерот за здравство.

„Поучени од практиката, членовите кои вршат стручни надзори имале притисоци од пациентите, од семејствата па и од колегите, затоа имињата се загарантирано безбедни. Потпис на извештајот става претседателот кој ја бира комисија која го прави стручниот надзор за состојбата, за анализата дали е направено како што треба, врз основа на медицина базирана на докази“, рече претседателката Гривчева – Старделова.

Таа не соопшти детали од извештајот за стручниот надзор на родилката оти нејзе не и биле достапни.

„Јас како претседател на Комората немам пристап до извештајот. Членови на Извршен одбор не се членови на комисијата. Не сум дел од работење на таа комисија, не сум дел од ниту една комисија. Немам увид како претседател, немам слобода да читам документ. Постои Закон за права на пациенти, само одредена група може да ги разгледа и да донесе свое мислење околу редот на нештата. Извештајот се доставува до Министерство, до барателот на стручниот надзор и до установата во која е правен“, објасни претседателката Гривчева – Старделова.