Лекари од кај нас ќе одат на обуки и во Италија и во Австрија покрај Словенија за каде што веќе се подготвува договорот за соработка, најави денес министерот за здравство, Азир Алиу. На ваков начин ќе се надоместува недостигот од кадар во јавното здравство, а истовремено ќе се подготви национална стратегија за покривање на јавното здравство со кадар за наредните 10 години. Превидено е наши лекари да одат на обуки во земјите со кои ќе се соработува за кадар, а лекари од таму да доаѓаат да лекуваат на нашите клиники.
„Освен со Словенија, преговараме и со Италија и со Австрија. Работиме на наоѓање можност за соработка со земји со кои веќе имаме некаков вид соработка од клиничка гледна точка, тие да доаѓаат тука или нашите доктори да одат за обуки таму, но исто така и од административна гледна точка гледаме дека многу полесно можеме да комуницираме со земји што имаат сличен здравствен систем. Освен со Словенија, за која веќе се дефинира текстот, најавувам дека сличен пристап ќе имаме и за соработка и со Австрија и со Италија“, вели министерот Алиу.
Освен оваа соработка, министерот Алиу ќе им понуди на нашите експерти што работат надвор од нашата држава со помош на дигитализацијата да бидат активно вклучени во системот за здравствената заштита. На тој начин министерот Алиу смета дека пациентите ќе бидат услужени и ќе бидат во сигурни раце.