Легендарниот фудбалер Дарко Панчев во гостувањето во емисијата 10 минути на ТВ21, меѓудругото, зборуваше и за учеството на Македонија на Европското првенство. По поразот од Австрија во првото коло, утре противник на фудбалската репрезентација е Украина.
Го прашавме какви се шансите за победа во овој меч, со оглед на тоа дека такво нешто е потребно за да се остане во игра за пласман во следната рунда, а секако конечниот изглед на табелата ќе биде познат и по мечот со Холандија. Панчев, вели дека на овој меч нема да биде ништо полесно во однос на оној со Австрија.
Сепак, додава дека секогаш шанси за успех има. Инаку, за помладите генерации, Дарко Панчев со белградска Црвена Звезда во 1991 година стана европски првак, потоа ја освои „Златната копачка“, односно беше најдобар стрелец таа година во Европа, а играше едно време и за италијанскиот гигант Интер.
„Украина е една типична екипа која се уште ја поседуваа онаа позната руска школа од порано, со пас играл, силни се физички, цврсти, високи, одлични во скок игра. Впрочем со Холандија дадоа гол по прекин со глава, знаат да играат фудбал, како и цела источна Европа, која ја гаела таа игра со пасови, така и Украинците. Така да мислам дека нема да ни биде полесно отколку со Австрија“, посочи Панчев.
Извор: ТВ21