Лебот, маслото за јадење и брашното од вчера се продаваат по набавни цени, а за дел од основните прехранбени продукти се намалени маржите со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните и да се сочува нивниот животен стандард во екот на најголемата економска криза кога на светските берзи секојдневно расте цената на горивата.
За белиот шеќер, трајното кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо, сувомеснатите производи, како салами, виршли и колбаси, сирењето, урдата, оризот, јајцата и макароните намалени се профитните маржи во трговијата на големо од 5 на 4 проценти и во трговијата на мало од 10 на 3 проценти. Намалувањето на маржите ќе важи до 31 мај.
Дополнително, како времена мерка целосно е забранет и извозот на маслото за јадење, бидејќи проценките се дека во периодот од 1 до 8 март од државата се извезени 330 тони. Постои можност ваква забрана да има и за дел од другите прехранбени производи како што се брашното, пченицата и пченката бидејќи има побарувачка за извоз од соседните и европските држави.
Следниот вторник, пак, според најавите, најверојатно ќе биде донесена и мерка за увоз на масло за јадење од сите држави со нула проценти царина со што се очекува да се зголеми конкурентноста на пазарот и да се стабилизира цената на овој прехранбен продукт.
Наскоро се очекува да бидат донесени и законските измени на данокот за додадена вредност и за акцизите со кои треба да се намали ДДВ за основните прехрабени продукти и за горивата. Собраниската седница веќе е закажана за денеска во 15 часот, а од Владата апелираат пратениците веднаш да ги усвојат законските измени со кои треба да се овозможат брза имплементација на мерките кои се во насока на заштита на животниот стандард на граѓаните и на компаниите.
– Не е време за политиканство. Сите мерки што беа презентирани од страна на претседателот на Владата и на ресорните министри веќе се пратени во Собранието и би сакал да ги повикам сите пратеници што побрзо да ги усвојат законските измени во делот на Законот за ДДВ и во делот на Законот за акциза, изјави вчера министерот за економија Крешник Бектеши, според кого, ако има добра волја од сите страни, законските измени може да се донесат и во текот на денешниот ден.