Пејачката и актерка Лејди Гага е во среќна врска со бизнисменот Мајкл Полански, а по една година признава дека е среќна и лудо вљубена.
Својата љубов Лејди Гага и Мајкл Полански ја покажаа на неодамнешната инаугурација на претседателот Џо Бајден. По изведбата на американската химна, Гага со момчето си разменија бакнеж преку маска.
– На инауграцијата Гага доживеа ерупција на одлично расположение. Многу е среќна со Мајкл, и благодарна за неговата поддршка – изјави нејзин близок пријател за „Пипл“.
И на Полански му беше чест што може да биде зад кулисите и да ја поддржи својата партнерка.
– Му беше задоволство да е зад сцената и целосно се вклопи. Неколку луѓе со кои се сретна зад сцената на Капитол, Гага го претстави како свое момче – вели истиот извор, кој бил во придружбата на пејачката.
Откако лани во февруари ја потврди нивната врска, двојката главно се држеше подалеку од очите на јавноста, па доаѓањето на инаугурацијата на Бајден беше едно од нивните ретки заеднички појавувања.
Колористичната поп ѕвезда и тивкиот бизнисмен, кои на прв поглед изгледаат како комплетно спротивни личности, прв пат се видени како се бакнуваат на дочекот на Новата 2020 година во Лас Вегас.
– Однадвор Гага и Мајкл се многу различни. Кога ќе излезат заедно, тој секогаш изгледа лежерно, во фармерки и капа, додека Гага е многу забележителна. Но минатата година многу се поврзаа и низ своите професии се сконцентрираа на позитивините промени во светот – вели пријателот на пејачката и открива дека се вредни и сакаат заедно да работат на хуманитарни проекти.
Заеднички страсти
Тие во текот на локдаунот не седеле со скрстени раце, туку се сконцентрирале на правење добри дела и сакале да помогнат секаде каде што можат.
Полански дипломирал математика и сметководство на Харвард, а работи како извршен директор на институтот Паркер за имунотерапија на рак. Гага преку својата фондација „Born This Way“ од 2012 година дава поддршка на проекти за ментално здравје и помош на младите.
– Мајкл има свој живот и работа, но имаат и некои заеднички страсти, така што сè е супер урамнотежено – вели изворот.
По неколку тешки години во кои ја прекина свршувачката со агентот Кристијан Карин во 2019 година, се бореше со ПТСП и фибримилагија, сега Лејди Гага се чувствува подобро од кога било.
– Среќна, здрава и исполнета – открива пријателот.