По повод изјавите околу промена на државниот грб, Либерално-демократската партија (ЛДП) предлага поставување на рисот на новиот грб, како препознатлив вид, карактеристичен токму за нашата држава.

Рисот како симбол се наоѓа на металната петденарка, се најде на националниот фудбалски дрес, но и на уште многу други места и е заштитен со голем број меѓународни конвенции.

Од ЛДП велат дека доколку се постави рисот, се покажува поглед кон иднината наместо „враќање назад и гледање во минатото“.

„Тоа е симбол кој со ништо нема да потсетува на било која соседна држава и да создаде проблеми. Прифатлива е само уникатност, посебност, новина, свежина, иднина и заштита на своето – како што е Балканскиот рис, кој потекнува од Шар Планина, е ретко и заштитено животно, и е еден од нашите национални државни симболи“, додаваат од ЛДП.

Посебноста на Македонија мора да биде главната водилка кон прифаќањето на било каков предлог за државниот грб. Притоа, тоа мора да биде и решение, кое ќе ги задоволи сите граѓани на Македонија, без разлика на националната, етничката, партиска, верска или било која друга припадност.

„Предлагаме општо прифатливо решение. Бидејќи доколку сите се водиме од своите партиски обележја или позиции, ЛДП би се придржувала до македонската флора и фауна и би предложила поставување на соколот како уникатен македонски симбол и дел од нашиот македонски фолклор. Покрај тоа што во Македонија живеат 9 посебни видови на соколи, во нашата народна музика со гордост се опева соколот кој пие вода од нашиот Вардар, песна која е и химна на партијата.”, истакнуваат од ЛДП.

Текстот ЛДП: Предлагаме поставување на рисот како консензуално решение за новиот државен грб е превземен од МАКФАКС.