Граѓаните преку Либерално-демократската партија (ЛДП) го извојуваа првиот чекор – намалување на тарифниците за банкарски услуги, што произлегува како директен резултат од спроведената кампања „Твоја сметка – твои пари“ и јавниот притисок во интерес на граѓаните, велат од партијата.
Оттука сметаат дека ова е важен и исправен чекор напред, кој покажува дека кога институциите имаат слух, а политиката се води во служба на граѓанинот, резултатите не изостануваат.
„Го охрабруваме гувернерот на Народната банка да продолжи со реформскиот курс и уште похрабро да застане зад иницијативите за укинување на низа неосновани банкарски надоместоци и провизии што постојат само во нашата земја, а се непознати во модерните европски банкарски системи. Македонските граѓани и понатаму плаќаат провизии за затворање на сметки, за проверка на состојба, за повлекување пари од друг банкомат, за онлајн плаќања и електронски пристап – трошоци кои во најголем дел од земјите членки на Европската Унија се укинати или се сведени на минимум. Време е оваа неправда да престане“, велат либералите.
Во таа насока, ЛДП три пати поднесе измени на Законот за платежни услуги и платни системи до Собранието. Предложените измени предвидуваат укинување на банкарски надоместоци за кои нема никаква реална основа и кои само дополнително го оптоваруваат животниот стандард на граѓаните. Очекуваат сите пратеници, без оглед на политичката припадност, конечно да застанат зад граѓанскиот интерес и да дадат поддршка на измените./ МАКФАКС.