ЛДП најави дека ќе бара итна средба со премиерот за јасна стратегија и поддршка во евроинтеграциите.

„Да, премиерот беше во право денес кога во Парламентот на одговор на пратеничко прашање истакна дека ЛДП е една од ретките партии во земјата и во Собраниетo што е целосно интегрирана во европското и меѓународното политичко семејство и може да помогне.

Тој директно ја посочи ЛДП и тоа веројатно е така затоа што нема друга партија во земјата и во Парламентот што има големо влијание и е слушана од нејзините меѓународни и европски партнери.

Како одговорна партија, отсекогаш сме се залагале за заштита на националниот интерес, вклучително националниот идентитет.

За тоа и треба да се истакнат бројни резолуции донесени од страна на либералите со јасна и недвосмислена поддршка на македонскиот јазичен идентитет, култура и традиција. Но, ова не е прашање за освојување политички поени и никогаш не треба да биде. Можеби така било во минатото, можеби се направени грешки, но народот се изјасни на изборите и не сака да го гледа ова прашање како точка каде што политичките партии ќе добијат поддршка или казна. Политичките надмудрувања и кавги ќе доведат до влошување на позицијата на земјата и внатрешен пораст на национализмот и популизмот, што ќе го попречи економскиот просперитет и развој. Лекцијата дадена од народот за ЛДП е јасна и таа мора да биде научена од сите.

Оттаму, да со оглед на тоа што премиерот го оцени како позитивно и значајно влијанието на ЛДП, ќе иницираме итна средба со премиерот и неговиот тим за меѓународна соработка на највисоко ниво за да разбереме какви сѐ напори вложи и која е Стратегијата на владата во последните месеци, како што нагласи и самиот премиер, но и каква е моменталната состојба и како можеме ние искрено да помогнеме во овој процес.

Наша должност е како македонски граѓани и политичари во Македонија да бидеме во служба на народот и во интерес на граѓаните. Тие интереси се силни и праведни државни институции на земјата кои се одговорни и отчетни, просперитет и напредок што водат кон европски економски стандарди, како и еднаквост меѓу европските нации со статус на полноправни членки на Европската унија.

Ние ќе продолжиме уште посилно да работиме и лобираме врз основа на информациите што ќе ни ги дадат премиерот и неговиот тим, како и врз основа на ресурсите кои сообразно ќе бидат ставени на располагање“, велат од ЛДП.