Повеќе граѓани, корисници на Фејсбук, се обратија до „Слободен печат“ со информација дека интернет-измамник, кој се претставува како банкарка од Турција, се обидел да им изнуди големи суми пари преку измама.
Според сведоштвата на читателите, се работи за измамник или измамничка која се претставува како Фусун Тумшаваш – жена од Турција која според она што може да се најде на интернет, навистина постои и навистина работи како менаџерка во една турска банка. Користејќи го лажниот идентитет, измамникот им се обраќа на корисници на социјалната мрежа од Македонија, раскажувајќи им различни приказни преку кои се обидува да им ги земе парите.
Во една таква приказна, „банкарката“ тврди дека во банката во којашто наводно работи, има сметки на луѓе од Македонија, кои долго време се неактивни, а на нив има големи суми пари. Како дел од измамата, се нуди лажната банкарка и жртвата на измамата да ги поделат милионските суми без за тоа да знаат сопствениците на банката. Од измамениот, под различни објаснувања, претходно се бара да испрати одредена сума, како и податоците за својата банкарска сметка во Македонија.
Кусо пребарување на Фејсбук откри дека измамниците веќе отвориле десетина лажни профили со името „Фусун Тумсаваш“, преку кои веројатно „оперираат“.
Во една објава од Нигерија дури е означена („тагната“) турската „банкарка“, што сугерира дека оваа измама потекнува од африканската земја, од каде доаѓаат бројни слични измамнички шеми во изминатите години и децении.
Читателите кои реагираа до „Слободен печат“ неуспешните обиди за измама ги пријавиле и во полиција, како и до Фејсбук. Но, во денешниот полициски билтен е забележан случај со ваква успешна измама – лековерен скопјанец изгубил 2.300 евра кои им ги испратил на измамниците, кои во овој случај користела друга лажна приказна – дека контактираниот е добитник на големи пари како наследство, кои се „заробени“ на сметка во банка.
„На 02.05.2023 во 10.00 часот во СВР Скопје, 63-годишен скопјанец пријавил дека бил измамен за сума од 2.300 евра, од едно лице, кое се претставило дека е од Република Турција. Според пријавеното, на 25.04.2023 преку социјална мрежа и преку електронска пошта лицето го контактирало и го известило дека бил наследник на поголема сума на пари во банка. Како што е пријавено, лицето му побарало да испрати лични податоци преку електронска пошта и пари за наводни трошоци. Исто така, според пријавеното, тој ги испратил личните податоци по меил, а парите преку брз трансфер, по што прекинала комуникацијата со лицето и тој сфатил дека бил измамен“, велат од полицијата.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот и за спречување на ваквите измами.