Нашата сениорска репрезентација стартуваше со два убедливи порази на Светското првенство во Египет, од Шведска (32:20), а потоа и од домаќинот (38:19).
Македонија в понеделник (15.30 часот) ќе го одигра последниот натпревар во групната фаза. Ќе се сретнеме со Чиле, и одиме на триумф за учество во вториот круг, во спротивно ќе бидеме дел од „Президент купот“.
Кирил Лазаров (40) најискусниот во репрезентацијата е свесен дека играта мора да биде подобра и се надева дека токму против Чилеанците ќе се покажат правите перформанси.
Вели дека е среќен што повторно настапува во Египет..
– Среќен што сум повторно во Египет, горд и среќен да бидам со мојата репрезентација во оваа земја. Да се биде на Светско првенство, тоа за мене е вторпат, првиот пат беше во 1999 година. Знам дека Египет е ракометна земја, има традиција и финансиски се вложува многу во овој спорт. Знам дека очекуваат големи нешта и се на вистинскиот пат. Египет има и добар селектор, Роберто Парондо со кој бев тимски соиграч во Сиудад Реал, моментно еден од најдобрите тренери. Имаат добри играчи, земјата живее за ракометот, навивачите го сакаат ракометот и тоа е најважното – вели македонскиот десен бек.
Се водат подготовките за мечот против јужноамериканската селекција со која тестиравме и ја совладавме двапати во Скопје пред да отпатуваме за Каиро..
– Во овој момент не можам да кажам што ќе се случи со мене, сакам да земам време за донесување на одлуки, но дојдов тука во Египет да им помогнам на репрезентативните колеги, бидејќи имаме млад тим и ќе го дадам максимумот од моја страна да им помогнам. Нашата цел е да одиме во вториот круг и имаме решавачки меч со Чиле, тоа е шанса за нас. Засега не сме задоволни од настапите, загубивме со голема разлика од Шведска и Египет. Не бевме на потребното ниво и губиме со 18-19 голови разлика, тоа не е добро за нас – додаде Лазаров.