Русија подготвува „контрамерки“, вклучително и оние од „воена природа“, доколку западните земји го зајакнат своето воено присуство во Гренланд, предупреди во средата рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Неколку европски земји неодамна распоредија помали воени контингенти во Гренланд, автономна територија под дански суверенитет, откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно почна да ја посетува, повикувајќи на американско преземање.

„Секако, во случај на милитаризација на Гренланд и создавање воени капацитети насочени против Русија, ќе преземеме соодветни контрамерки, вклучително и оние од воено-техничка природа“, рече Лавров за време на обраќањето пред рускиот парламент.

Откако се врати во Белата куќа пред една година, Доналд Трамп постојано ја повторуваше својата желба да ја преземе контролата врз Гренланд, оправдувајќи ја со безбедносни причини и заканите што ги претставуваат Русија и Кина во тој регион, според него, потсетуваат медиумите.

Сепак, во јануари на Светскиот економски форум во Давос, тој ја омекна својата реторика, тврдејќи дека се договорил со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за „рамка“ за преговори што ќе им овозможи на САД да имаат поголемо влијание на таа арктичка територија.

Конкретните детали од тој договор сè уште не се познати. Данска и Гренланд досега решително ја отфрлија секоја можност за пренос на суверенитетот, нагласувајќи дека територијата не е на продажба.

„САД, Данска и Гренланд мора да го решат ова прашање меѓу себе“, рече Лавров, обвинувајќи го Копенхаген дека ги третира 57.000 жители на Гренланд како „граѓани од втор ред“.

На почетокот на февруари, НАТО започна со планирање на мисија насочена кон зајакнување на безбедноста на Арктикот.

Текстот Лавров: Доколку западните земји го зајакнат своето воено присуство во Гренланд, Русија ќе преземе „контрамерки“ е превземен од МАКФАКС.