Познатата јавна набавка за хортикултурно уредување, како постапка, датира многу пред да дојдам јас како раководител на институцијата, кога поранешниот министер на ДУИ во својство на член на управниот одбор на АД МЕПСО, Билен Салији, го потпишал барањето за потребата од хортикултурно уредување, односно цвеќиња, вели Бурим Латифи околу фактичката состојба со набавката за хортикултурно уредување спроведена во АД МЕПСО, коа како што оценува стана дел од дневно-политичките настани.
„Прво, фамозната набавка за хортикултурно уредување е спроведена од претходниот менаџмент составен од луѓе на ДУИ и Зијадин Села.
Второ, утврдување на потреба за ваква набавка во АД МЕПСО е со потпис на поранешниот министер од ДУИ, Билен Салији, тогаш во својство на член на управен одбор на АД МЕПСО.
Трето, изборот на компанија добитник на постапката за набавка на хортикултурно уредување го направи претходниот директор на АД МЕПСО, Зуди Кока, поставен на таа позиција од Европскиот фронт.
Четврто, соочени со ситуација на немање начин и основ согласно закон за поништување на постапката во оваа финална фаза, договорот беше потпишан за да се избегне евентуална тужба и судски процес од претходно избраната компанија од претходниот менаџмент.
Петто, станува збор за рамковна набавка, која има финансиски импликации само доколку се направи нарачка. АД МЕПСО досега не потрошил ниту еден денар за оваа набавка.
Шестто, АД МЕПСО нема ниту во иднина да троши средства за непотребни набавки за АД МЕПСО“, нагласува во реакцијата.
Појаснува дека соочени со таквата ситуација, каде сите рокови за поништување на постапката и жалби биле поминати пред тие да стапат на функција, како ново раководство биле поставени пред свршен чин – или да ја спроведат постапката до крај, или да ризикуваат, како што вели да бидат тужени од компанијата победник избрана од претходниот директор.
„Бидејќи ова е рамковен договор, што значи дека ништо не се плаќа однапред, туку само доколку потенцијално се нарача некој производ, ние го потпишавме предметот за да избегнеме тужба, со силна увереност дека нема да се потроши ниту еден денар од оваа набавка, бидејќи сметаме дека трошоците се непотребни. Значи, сите информации за наводно потрошени пари се само лажни вести“, додава тој
„Ако ДУИ и нејзините „експоненти не бараат извинување за изнесените лаги и обвинувања, ќе бидам принуден да поднесам тужба за клевета и нарушување на углед пред соодветните институции“, потенцира Латифи.