Легендарниот американски водител Лари Кинг, кој почина денес од последици на коронавирусот, за време на неговата блескава кариера, направи повеќе од 50.000 интервјуа со светски познати имиња, а покрај успешната кариера, водеше и интересен приватен живот.
Кинг пред олтарот застана осумпати со седум жени.
Со својата средношколска љубов Фреда Милер се оженил во 1952 година кога имал 19 години. Нивната љубов не траела долго поради негодувањата на нејзиното семејство. Тие инсистирале нивниот брак да биде поништен и Лари и Фреда се развеле само една година откако се венчале.
По Фреда, Лари бил кратко оженет со Анет Кеј, која во ноември 1961 година го родила Лери Jуниор, првиот син на Кинг. Својот син Лери Кинг го запознал кога тој имал околу 30 години.
Истата година кога се родил неговиот син, Лери се оженил со својата трета сопруга, зајачицата на Плејбој, Алена Акинс. Церемонијата се одржала во еден од популарните клубови на Плејбој, а славниот водител го посвоил и синот на Алена, Енди, во 1961 година. Само една година подоцна, тие се развеле.
Со својата четврта сопруга Мери Франкос Стуфин, Кинг се оженил во 1963 година, а по разводот со неа повторно се оженил со Алена Акинс. Со неа го добил своето второ дете, ќерката Чаија. По втор пат се развеле во 1972 година.
Лери по петти пат запловил во брачните води во 1976 година со професорката по математика Шерон Лепор, со која бил во брак до 1983 година, а шест години подоцна ја запознал и претприемачката Џули Александер. Клекнал пред неа на првиот состанок, а се венчале по два месеци врска, во октомври 1989 година. Иако се разведоа по само една година, тоа не значеше дека Лари ја изгубил вербата во љубовта.
Со актерката Деана Лунд се свршил во 1995 година по неколку недели врска, но никогаш не се венчале.
По седми пат Кинг се ожени во 1997 година со Шон Саутвик. Со актерката, пејачка и ТВ-презентерка се венчал во неговата болничка соба во Лос Анџелес, каде што бил поради операција на срцето. Парот доби две деца, Ченс и Кенон, а Кинг го посвоил и синот на Шон, Дени.
На 10-годишнината од бракот Кинг се пошегува на своја сметка и рече дека Шон е единствената жена со која издржал до двоцифрен број.
Пред две години поднесоа барање за развод, но останаа во коректни односи.