Амбициозните планови на поранешниот прв човек на каталонците предвидуваат пет екстра засилувања.
Претседателските избори во Барселона за наследник на Жосеп Марија Бартомеу ќе се одржат на 24. јануари, а еден од главните фаворите покрај Виктор Фонт е и поранешниот претседател Жоан Лапорта.
Токму Лапорта е единствениот од последните пет претседатели на каталонскиот клуб кој го одработи цел мандат, а сега е главен фаворит за да се врати на челната функција и како прв потег го планира донесување на Матие Алеманџи за спортски директор по што ќе следи потпис со пет засилувања.
Доколку се врати на претседателската функција, Лапора ќе ги реализира трансферите на Мемфис Депај од Олимпискио Лион и на Ерик Гарсија од Манчестер сити.
Депај се поврзуваше со трансфер во Барселона уште во летниот преоден рок но поради финансиската криза, трансферот не се резлизира, а истото се однесува и за Гарсија кој е продукт токму на младинската академија на Барселона, Ла Масија.
И на двајцата играчи актуелните договори им истекуваат на крајот од сезоната, а Лапорта и неговите соработници веќе оствариле контакти со претставниците на двајцата играчи.
Како трето засилување, Лапорта го планира Ектор Белерин од Арсенал кој исто така е продукт на Ла Масија. Белерин пред девет години ја напушти Барселона, а Лапорта смета дека е време тој да се врати на „Камп Ноу“ и да ја засили одбраната,
Следно име на списокот е тоа на дефанзивецот на Баерн Минхен, Давид Алаба, кој е слободен играч на крајот од сезоната. Алаба бара 15 милиони евра нето плата од заинтересираните екипи, тој не ја прифати понудата на Баерн од 11 милиони евра плус пет милиони евра во бонуси, но Лапорта смета дека ќе најде заеднички јазик со агентот на играчот Пини Захави и австрискиот репрезентативец ќе биде нов предводник на одбраната на каталонскиот тим од наредната сезона.
Последното име на списокот на Лапорта највеќе ќе ги израдува навивачите на Барселона, станува збор за одличниот напаѓач на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд. Адутот во трансферот на Халанд е агентот на играчот, Мино Рајола кој има одлични односи со Лапорта и кандидатот за претседател на Барселона е убеден дека Норвежанецот ќе заврши на „Камп Ноу“.