Бројот на починати лица лани е зголемен за 26 отсто во однос на 2019 година и изнесува 25 775 лица, покажуваат податоците на Државниот завод за стстистика. Најголем број смртни случаи – 3 847, имало во месец ноември.
Поголем број од починатите се од машки пол и тоа 13.914 или 54 проценти од вкупно умрените лица. Бројот на починати доенчиња изнесува 108 и нивното учество во вкупниот број на умрени изнесува 0,4 проценти.
Според податоците на ДЗС, просечната возраст кај починатите од машки пол изнесува 71,6 години, а кај оние од женски 75,3 години или просечната возраст на смртност кај жените е повисока за 3,7 години.
Како и минатите години, најголемо учество имаат починатите лица од болести на циркулаторниот систем, според МКБ-10 (шифра I00-I99) што претставува 41,6 отсто, неоплазмите (шифра C00-D48) со 15.2 проценти, а потоа следат умрените како последица од пандемијата на КОВИД-19 (шифра U07) со 10,9 проценти.
Со 5,8 проценти се застапени случаите кај кои причина за смрт се болестите на респираторниот систем (шифра Ј00-Ј99), додека оние кај кои причина за смрт се ендокрините, нутритивните и метаболичните болести (шифра Е00-Е90) се застапени со 5,3 проценти од вкупно умрени, со 3,7 проценти се затапени лицата кај кои причина за смрт се болестите на нервниот систем, по што следат останатите заболувања, но со помала застапеност.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.