Френк Лампард како фудбалер беше блиску до потпис со шпанскиот гигант Барселона во 2005 година, каталонскиот тим со сите сили се обидуваше да го „украде“ тогаш англискиот репрезентативец на Челси кој им беше најголем ривал во Европа.

Челси со Жозе Муруњо на клупата со огромни чекори чекореше кон врвот на Премиер лигата, но и во Европа, а Барселона сакаше да го донесе Лампард да игра во средниот ред заедно со Португалецот Деко и Роналдињо.
На крајот Челси успеа да го задржи Лампард кој во тие времиња не криеше дека сонува да го облече дресот на каталонскиот тим и за игра заедно со Роналдињо.  Барселона откако не успеа да го донесе Лампард, се задоволи со Марк ван Бомел.

Сега новинарот Гилем Балаг тврди дека Френк Лампард има сериозни шанси да го оствари сонот и да пристигне во Барселона, но како тренер.
Столчето на Лампард во Челси сериозно се ниша, „сините“ се во лоша серија и прашање е уште колку сопственикот Роман Абрамович ќе ги трпи неуспесите, додека во иста ситуација се наоѓа и Роналд Куман на клупата на Барселона.

Во Барселона целиот фокус е насочен кон претседателските избори кои ќе се одржат на 24 јануари, а повеќето кандидати го фаворизираат Чави Ернандез за наследник на Куман, но прашање е дали поранешниот капитен ќе се согласи веднаш да седне на клупата.
Поради тоа Балаг, тврди дека Лампард доколку добие отказ во Челси ќе биде меѓу главните кандидати да го наследи Куман.