Поп пејачот Ламбе Алабакоски доби судска мерка за претпазливост – одземање на пасошот, а неговиот притвор заврши и тој е на слобода. Одлуката ја донесе Кривичниот совет на Судот во Битола.

Веста за битолскиот портал Апла.мк ја потврди адвокатот на Алабаковски, Дарко Стефановски.

Алабаковски е осмничен за подметнување пожар на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, а како изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, користејќи негови иницијали, тој во полиција го признал делото. Спасовски тогаш изјави и дека бара од судот да му определи мерка притвор.

Полицијата го откри сторителот три дена по настанот, а судија на претходна постапка му одреди 8 дневен притвор, кој беше заменет со куќен притвор, со образложение дека постои можност за бeгство затоа што пејачот има двојно државјанство, македонско и на САД каде живееше до неодамна.

Обвинителството го сомничи Алабаковски за кривичното дело Предизвикување општа опасност по член 288 став 1 за што е предвидена казна затвор од 6 месеци до 5 години.