Сместена во предградието Бурвуд во Сиднеј, оваа куќа долго време е место посетено од обожаватели на бендот од целиот свет.

Малколм и Ангус Јанг од AC/DC живееле во оваа куќа како тинејџери кои формирале сопствен бенд со нивниот брат Џорџ Јанг, гитарист на популарната рок група Easybeats. Нивното семејство мигрирало во Австралија од Шкотска, а во 1965 година се преселиле на улицата Бурли.

Семејната куќа ја купил градежен изведувач во март 2023 година за 5,8 милиони австралиски долари, а минатиот месец тој одлучил да ја урне. Дури откако куќата била урната, градежната компанија „Бурвуд Сквер“ го утврдила културното значење на оваа куќа.

„Историската врска со AC/DC не беше навремено воспоставена и жалиме што претходниот долгогодишен сопственик не ја сподели оваа информација со нас. Иако не можеме да го промениме минатото, ние сме посветени да го славиме овој значаен дел од приказната на бендот“, рече генералниот директор на оваа компанија, Леон Камита.

Планирано е на земјиштето на кое некогаш стоела оваа куќа да се изгради кула од 50 ката со 120 соби и 48 апартмани.

Иако оваа куќа беше наведена во австралискиот национален регистар во 2013 година, таа не ја доби заштитата што требаше за да се спречи уривање. Советот на Бурвуд спроведе преглед во 2015 година за да утврди дали куќата треба да биде на листата на наследство. На крајот, тие изјавија дека не е препорачливо додавањето на куќата на листата на наследство бидејќи, како што тврдат, „периодот на престој на членовите на AC/DC бил прекраток за да биде релевантен за нивниот живот и работа“.