„Денес ја продолжуваме серијата на скандали за корупција и матни тендери на ВМРО-ДПМНЕ. Ја разоткриваме мрежата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски кој го оживува проектот Скопје 2014 за повторно испумпување на пари од буџетот заедно со нови тендери од унгарскиот кредит. Според достапните информации, Министерството за надворешни работи потпишало договор за изградба на челична настрешница во вредност од речиси 550.000 евра“, вели Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„Со ова, Муцунски ја означи новата ера на кражби од проектот Скопје 2014 на ВМРО-ДПМНЕ кој светските медиуми го нарекоа „најголемиот коруптивен проект во Европа“. Но скандалот е уште поголем затоа што и овој случај е дел од тендерската мрежа на ДПМНЕ. Договорот за настрешницата е склучен со градежната компанија „Пирамид билдинг солушнс“, која била единствен понудувач на тендерот. Оваа компанија има долга историја на односи со Муцунски. Фирмата добила дури 11 тендери во Аеродром вредни 2 милиони евра“, посочи Кузеска.
Како што вели, додека тој бил градоначалник на Општина Аеродром, истата компанија добила договор вреден 335.000 евра за хигиенски и комунални услуги.
„Идентично, тендерската мрежа на ДПМНЕ е поврзана и со парите од унгарскиот кредит кои треба граѓаните да ги враќаат. Од овие пари, омилената фирма на Муцунски добила 3 тендери вредни околу 1,8 милиони евра само во изминатите 3 месеци. Дури го добила и оној тендер за реконструкција на скверот позади ТЦ Капитол, вреден околу 700.000 евра каде на почеток на работите присуствувал и премиерот Христијан Мицкоски. Или вкупно, само преку бизнисот со општина Аеродром, речиси 4 милиони евра завршиле кај оваа компанија! Има и тендери со други општини, меѓу кои со Гази Баба каде во мандатот на ДПМНЕ добила 8 тендери“, истакнува Кузеска.
Текстот Кузеска: Нов скандал, Муцунски со омилена фирма во тендерската мрежа на ДПМНЕ е превземен од МАКФАКС.