Наместо неселeктивна правда за Кочани, МВР гони млади за Фејсбук статуси, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Таа рече дека истрагата за најголемата несреќа во поновата македонска историја сè уште не дава одговор кој е одговорен за пожарот во „Пулс“ и за сериозните пропусти на безбедносните институции. Сè уште нема проширување на истрагата за безбедносните пропусти направени на кобната ноќ – ниту пак на оние што ѝ претходеле, рече Кузеска.

Како што додаде, ниту еден функционер од МВР, ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ не е повикан на распит, ниту опфатен со постапка, а наместо тоа, МВР поднесува кривични пријави против граѓани за објави на Фејсбук кои јавно бараат правда и неселективна истрага.

Дури и на младите кои протестираа во Кочани и го изразуваа својот револт за загубените животи на нивните другари и другарки МВР им поднела кривични пријави.

„Не се повикуваат оние кои биле на функции, нема кривични пријави, ама затоа се гонат младите кои пишуваат на Фесјбук и кои бараат одговорност и неселективна правда. Дали МВР смета дека на овој начин некој треба да биде замолчен? Слободата на говор не е закана за истрагата. Младите не се непријатели – тие се совеста на ова општество“, рече портпаролката.

СДСМ бара од МВР веднаш да престане со притисоци и гонење на граѓани поради ставови и јавно изразено мислење.