Илјадници граѓани масовно, гордо и достоинствено, во Крушево го чествуваа големиот национален празник 2ри Август – Денот на Републиката, вели портпароклата на СДСМ Богданка Кузеска.

Таа обвини дека на најголемиот државен празник опозициската ВМРО-ДПМНЕ се однесувала неодговорно, недостоинствено и антидржаво. Кузеска вели дека делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Александар Николоски, свесно доцнеше на предвидената агенда, за потоа да ја напуштат манифестацијата пред интонирањето на државната химна.

Инаку, делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, вчера по положувањето на венци и свежо цвеќе на спомен обележјата на Илинден, не го дочека обраќањето на премиерот Ковачевски на Мечкин Камен со образложение дека на партиски митинг на СДСМ нема да присуствуваат. Воедно обвини дека на одреден број на граѓани и активисти на ВМРО-ДПМНЕ не им бил дозволен пристап.

„ВМРО-ДПМНЕ на Мечкин камен свесно го сквернавеше Денот на републиката, државниот празник го злоупотребуваше во дневно партиски цели. На тој начин ВМРО-ДПМНЕ погази по идеалите на Крушевскиот манифест, ги погази жртвите од Илинденското востание, дадени за слободна држава. Исто постапуваше и Христијан Мицкоски кој наместо да се појави на некое од најважните локации, тој Илинден го чествуваше приватно, осамен и опкружен единствено со едвај стотина негови поддржувачи. Мицкоски му кажа НЕ и на Илинден и на таков свечен ден не пропушти прилика да сее омраза и поделби меѓу граѓаните“, посочи Кузеска.