Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција изјави дека околу 400 пожарникари ангажирани преку општините, не добиле плата.
Таа истакна дека овие лица, кои во август беа примени со ветување за месечен надоместок од 24.000 денари, обуки и можност за трајно вработување, до денес, заклучно со 17 септември, сè уште немаат добиено ниту една плата.
Според информациите, исплатата е блокирана поради изборниот процес бидејќи станува збор за вонредно плаќање, што ги остава младите пожарникари без заработка, а граѓаните без целосна заштита во време на пожари и еколошки катастрофи.
Кузеска нагласи дека овој случај ја покажува потребата од системски решенија кои ќе обезбедат сигурност и навремено надоместување за сите ангажирани во противпожарниот систем. Таа порача дека е неопходно институциите и општините веднаш да најдат начин за одблокирање на исплатите и за воспоставување стабилен механизам што нема да дозволи вакви ситуации да се повторуваат. Според неа, граѓаните очекуваат јасни и ефикасни решенија, бидејќи засилен и стабилен противпожарен систем значи поголема безбедност за сите.
Текстот Кузеска: Изборниот процес ја блокира исплатата на 400 лица кои беа ангажирани за гаснење пожари е превземен од МАКФАКС.