Шефицата на пратеничката група на владејачката партија во Косово, Движење самоопределување (ВВ), Мимоза Кусари-Лила ги нарече бесмислени санкциите на Европската Унија кон Косово, воведени во јуни минатата година, поради неисполнувањето на барањата за преземање дејствија за деескалација на состојбата на северот на земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во изјава за новинарите по денешната седница на Претседателството на Собранието, Кусари-Лила рече дека е бесмислено мерките да продолжат да важат против Косово, додека има информации за агресивното однесување на Србија, кон која не се преземаат никакви мерки.

Шефицата на пратениците на паетријата на премиерот Албин Курти рече дека за Косово се преземени мерки само затоа што под полициска придружба ги испратила избраните градоначалници во четирите општини во северно Косово, населени со српско мнозинство, додека против Србија нема никакви мерки иако, како што рече, таа го организира терористичкиот напад на 24 септември во Бањска, а потоа планирала уште еден напад.

Притоа Кусари-Лила се повика на напис во британски „Тајмс“, кој, повикувајќи се на извори на Пентагон, тврди оти Србија се подготвува за агресија во Косово.

– Бесимслено е да се задржат мерките против Косово во време кога денес излегуваат информации дека Србија не само што стои зад нападот на 24 септември, туку планирала уште еден напад и има масовни воени движења кон границата со Косово. Написот во „Тајмс“, кој покажува дека се декласифицирани информациите од Пентагон и од главниот советник за безбедност на Белата куќа за да се обезбедат информации и да се испрати брза порака до сите земји-членки на НАТО дека Србија изведува воени дејствија кон Косово, со цел такво нешто да се спречи, ја откриваат вистинската намера на Србија кон Косово, изјави Кусари-Лила.

ЕУ, како и Соединетите Американски Држави, минатиот јуни воведоа санкции кон владата на Курти, со барање за повлекување на полициските специјалци од општинските згради во четирите општини во северно Косово – Северна Митровица, Звечане, Зубин Поток и Лепосавиќ – како и организирање предвремени локални избори со учество на претставниците на косовските Срби.

Претходно, во април лани, партиите на етничките Срби ги бојкотираа локалните избори, на кои победија кандидати на партиите на косовските Албанци со исклучително мал број освоени гласови, по што уследија протести низ северно Косово. Курти одговори на протестите со ангажирање специјална полиција за заштита на новоизбраните градоначалници.