Ако министерката имаше искрени намери да направи вистинска реформа во образованието прво ќе ги консултираше релевантните чинители од образовниот систем и ќе се потпреше на нив. Таа во тој случај немаше да ја поткрепува својата неуспешна концепција со злоупотреба на финскиот систем, изјави денеска Весна Кусакатска од ВМРО-ДПМНЕ.
– Слушнавме дека предложената концепција за реформа на основното образование од страна на министерката Мила Царовска била по урнек на финскиот модел на образование. Во тој модел наводно посебните предмети се интегрирани во природни и општествени науки. Меѓутоа, македонско-финското друштво обзнани дека веста не е точна и во финското образование предметот историја постои, се изучува и постојано се зајакнува. Истото може да се види и на страницата на Европската унија за образованието во Финска. Лажната вест веројатно служи за зајакнување на влијанието и давање на тежина на неиздржаната и набрзина конструирана концепција, создадена само за потребите на власта – рече Кусакатска.