Косовскиот премиер, Албин Курти го оквалификува како агресија и намера за дестабилизација на земјата од страна на Србија, денешното како што наведуваат властите и медиумите во Приштина киднапирање на тројца полицајци на косовска територија од страна маскирани припадници на српски сили, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти побара итно ослободување на косовските полицајци и ја повика меѓународната заедница да го осуди инцидентот предизвикан од Србија, за кој вели дека „претставува агресија и намера за ескалација и дестабилизација“

Според косовскиот премиер, тројцата косовски полицајци се киднапирани денеска во Лепосавиќ, во северно Косово, на место каде што некогаш имало илегален пат за кријумчарење стоки од Србија, а кое се наоѓа 300 метри внатре во триторијата на Косово.

– Се сомневаме дека тие се киднапирани од војската на Србија, јасно како одмазда на војската на Србија за вчерашното апсење на злогласниот српски криминалец, Милун Миленковиќ – Луне, кој се појавува како еден од челниците на организираниот криминал и шверцот. Полицијата на Косово се покажа мошне воздржана последните недели. Влезот на српските сили претставува агресија и намера за ескалација и дестабилизација. Бараме итно ослободување на киднапираните полицајци и апелираме до меѓународните фактори да го осудат овој чин на агресија од страна на Србија, напиша Курти.

Полицијата на Косово објави дека тројца нејзини припадници денеска биле киднапирани од маскирани лица од Србија на еден од патиштата во северно Косово, на меѓудржавната граница, што се користел од српски криминални групи за нелгален премин и шверц од Србија.