Прелиминарните податоци од Централната изборна комисија во Косово покажуваат дека движењето Самоопределување освоило 47,88 % од гласовите, со што излезе како прва партија на овие избори. ЦИК изброи околу 99% од гласачките ливчиња од 2.336 избирачки места. Остануваат да се бројат условните гласови, гласовите од надвор од Косово и гласовите на лицата со посебни потреби.
Курти го нарече вчерашниот процес „референдум“ против заробувањето на државата и корупцијата, ветувајќи дека неговата влада нема да се одмазди на никого, туку ќе бара одговорност. На прашањето за можноста за коалиции, според него, изборниот резултат сугерира дека тие можат сами да ја формираат владата.
– Advertisement –
„Патот напред е долг, ќе имаме пречки и ќе згрешиме, но имаме добра и благородна цел и секогаш ќе бидам отворен со вас и секогаш ќе ја аргументираме и оправдуваме секоја одлука. Нема да се одмаздиме на никого, но ќе бараме одговорност од секого. Значи правда, без одмазда. Оваа победа не е за мене, ниту за Самоопределување. Ова е ваша победа, затоа промените припаѓаат на секој од нас. Секој од нас треба да ја преземе одговорноста што ни припаѓа, да ја направиме нашата земја живеалиште за сите, како што е сакано од сите“, рече Курти.
Владината програма на Самоопределување, како што изјави Курти, ќе го има во непосреден фокус соочувањето со пандемијата.
Прелиминарните резултати покажуваат дека втора партија според гласовите е ДПК а трета ДСК, кои изјавија дека ќе останат во опозиција. Лидерот на ДСК Иса Мустафа, поднесе оставка поради изборниот резултат.
„Јас лично оценувам дека резултатот е многу лош за ДСК, резултат што не го очекувавме. Цениме дека кандидатот Хоти заврши добра и успешна работа и ја претстави програмата за владеење. Но, гласот на граѓаните е она што треба да се почитува и е знак на ова гласање, а за организацијата денеска го најавив претседателството што ќе го свика собранието на ДСК за избор на нов претседател за многу краток временски период. Мислам дека ДСК наскоро ќе има нов претседател и ќе ги направиме сите подготовки преку претседателството за да се направи што е можно подобро овој процес“, рече Иса Мустафа, претседател на ДСК.
Алијансата за Иднината на Косово соопшти дека нема црвени линии за ниту една партија во однос на можните владејачки коалиции.
Во меѓувреме, се очекува пребројувањето на гласовите на Дијаспората и гласови преку пошта.
Вјолца Алити