Косовскиот премиер, Албин Курти објави дека го прифаќа барањето на амбасадорот на САД, Џефри Ховениер за одлагање за 48 часа на почетокот на казнување на лицата кои не ги смениле регистерските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС – Република Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на неговата страница на Твитер, Курти доцна синоќа му се заблагодари на Ховениер „за неговата посветеност и залагањето“ во изнаоѓањето решение за споровите со Србија.

„Јас го прифаќам неговото барање за 48-часовно одлагање на почетокот на изрекување казни за нелегалните таблички со ознаките „КМ“ (Косовска Митровица) и други (издадени од Србија). Задоволство ми е да работам со САД и ЕУ за изнаоѓање решение во текот на наредните два дена“, напиша Курти.

Ховениер синоќа изрази загриженост поради неуспехот на вчерашните преговори во Брисел меѓу Курти и српскиот претседател, Александар Вучиќ и побара одлагање на спроведувањето на одлуката за 48 часа, со цел, како што порача, „да им овозможат на ЕУ и САД да продолжат да ги поттикнуваат страните да изнајдат решение“.

Претходно синоќа, по неуспехот на преговорите со посредство на ЕУ за решение за спорот околу табличките, официјална Приштина најави дека ќе почне да ги казнува лицата кои ќе се затекнат на косовските патишта со возила со таблички издадени од Србија.