Еден ден откако изборната комисија утврди дека 47 номинирани кандидати, нема да можат да учествуваат на изборите на 14-ти февруари, лидерот на Самоопределување и кандидат за премиер на Косово, Албин Курти рече дека партискиот список нема да се менува и дека тој како носител на листа ќе ги почитува законите и Уставот.

„Ние го доставивме нашиот список како што е побарано и тој е нашиот список. Пред една година, поранешниот амбасадор Гренел беше во Косово на вечера со поранешниот претседател, но тоа е мината година. Мислам дека државните институции треба да се ажурираат во новите околности бидејќи сме пред изборите на 14 февруари, избори што предизвикаа невиден ентузијазам за масовно учество на граѓаните. Јас сум носител на листа кој строго го почитувам и се придржувам кон уставот и законите што ги штитат правата на сите нас“, рече Курти.

– Advertisement –

Заменик- претседателот на Самоопределување, Глаук Коњуфца, гостувајќи на една телевизија изјави дека неверификувањето на 47 пратеници, вклучувајќи го и лидерот на неговата партија Курти, се прави за политичка елиминација.

За претседателката на Централната изборна комисија на Косово, Валдете Дака обвинувањата на политичките партии против неа и институцијата што ја води, имаат за цел „спречување на спроведувањето на Уставот и законите што се на сила“. Таа не кажа од која партија добила закани.

Политичките партии или кандидати чии кандидатури не беа прифатени можат да поднесат жалба до 31 јануари. На изборите закажани за 14 февруари во Косово, пријавени се 28 политички партии и 10.080 кандидати за пратеници.

Шклзен Аќифи