Косовскиот премиер Албин Курти денеска на седницата на Собранието на Косово ја пофали работата и посветеноста на Владата во двегодишниот период, додека пратениците од опозицијата беа многу критични на извештајот за работата на Владата на Косово.

Курти рече дека за двете години од работењето на Владата се отворени 37.000 работни места и дека фокусот на Владата е на правосудството и вработувањето.

„Ќе зборувам за работата и правдата како столбови на нашата власт. Во првата година на Владата имавме раст на бруто домашниот производ од 10,7 проценти, во втората 4 проценти. Ако го земеме просекот за две години, тој е 7 проценти, највисок досега“, рече Курти.

Тој додаде дека поминале две години и дека „имаат уште многу работа за да го помогнат извозот и домашното производство, но ситуацијата се променила на подобро и успеале да го намалат буџетскиот дефицит за 2022 година на историски рекорд“.

Тој изјави дека кога законот за минимална плата ќе биде изгласан во второ читање, „ќе се зголемат и придобивките за породилно отсуство“.

Во делот на правдата, Курти ги спомена донесувањето на Законот за Управата за конфискација на имотот, отпочнувањето на верификациската работа, операционализацијата на Стопанскиот суд и апсењето на над 3.200 лица поради корупција.

Бесник Тахири, шеф на пратеничката група на Алијансата за иднината на Косово, оцени дека јавниот сектор е во голема криза и оти Косово никогаш не било послабо на меѓународен план.

„Владата денес ја водат в.д. функционери на највисоките нивоа на државата, знаете ли зошто, бидејќи со еден мејл се именуваат, а со еден мејл се менуваат. Денес Законот за плати им помогна на 10.000 луѓе, 70.000 не знаат точно колку им е платата“, нагласи Тахири.

Оценувајќи дека Косово никогаш не било послабо на меѓународен план, Тахири рече дека извештајот на американскиот Стејт департмент докажал дека „оваа влада сега влегла во коруптивни активности“.

Тој ја критикуваше Владата поради недостиг на капитални инвестиции и ја спомна состојбата со неколку автопати кои се во лоша состојба.