И оваа учебна година заврши без решение за кумановската гимназија Сами Фрашери. Околу 800 ученици секоја година настава следат во вакви услови.
Минатата година ТВ21, пред почетокот на пандемијата ја посети оваа гимназија. Матурантите им посакаа на идните генерации да добијат подобар амбиент за настава. Такво нешто ветуваше и екс министерот Арбр Адеми од редовите на ДУИ. Тој рече дека гимназијалците ќе бидат дисперзирани во нов европски објект.
„Дислокацијата на кумановската гимназија во нов модерен европски објект е приоритет на МОН и се предвидува просторот на училишниот објект да се адаптира во рамки на градската касарна каде што е сместен Факултетот за администрација и бизнис како и средното економско училиште. Секако дека со назначувањето на оваа позиција ние ги започнавме административните процедури кои ќе треба да ги исполнат сите образовни институции, вклучувајќи го тука и МОН“, истакна, Арбр Адеми, екс министер за образование.
За состојбата на средните училишта каде учат учениците Албанци, како што се гимназиите, техничките училишта и медицинското училиште, се пожалија од опозициската АА. Освен поплаките од оваа партија исто така ветуваат дека штом дојдат на власт ќе изградат ново училиште.
„Сите овие факти водат до заклучок дека овие партии кои беа на власт било на локално или централно ниво, сакаат ученикот Албанец да биде што помалку подготвен и што помалку мотивиран, постојано губејќи надеж за живот и работа во родното место. Но оваа девијантна појава нема да ја дозволиме. АА јавно ветува дека во моментот кога ќе биде дел од власта, локална или централна, приоритет ќе биде наоѓањето решение за овој проблем и изградба на нова албанска гимназија Сами Фрашери“, посочи Хузеир Мустафи – АА.
Во 2004 овој објект некогаш од поранешен земјоделски комбинат е претворен во училиште и беше привремено решение за учениците Албанци кои од 2001 беа иселени од гимназијата Гоце Делчев. ТВ21 го праша и МОН до кога е постапката за средување на проблемот на средното општинско училиште Сами Фрашери, но од таму до овој момент немаме одговор.