Кумановската општа болница во моментов е без амбулантно возило за транспорт на пациенти, бидејќи возилото „мерцедес“ учествуваше во сообраќајна несреќа синоќа во Скопје, а останатите две со кои располага установата се на сервис, информираше денеска директорката на болницата Снежана Захариева.
Болницата го доби возилото за транспорт на критично болни пациенти како донација од невладина организација од хуманитарното здружение „И јас сум Матејче“, инаку донација од болницата Базел Швајцарија која беше предадена на кумановската болница, уште во мај 2021 за време на ковид пандемијата. Останатите две возила, пак, се на сервис, едното е со дефект, второто на сервис за поситна поправка. Дотогаш болницата ќе позајмува возила од Здравствен дом и ќе ја чека испораката на возилото кое јавната здравствена установа го набавила со сопствени средства.
– Возилото беше добро го користевме за транспорт на пациенти. Од останатите две, едното го однесовме на сервис, сметајќи дека со две може да се врши транспорт. Второто пак имаше поситен дефект е однесено на сервисер и добив ветување дека во тек на денот ќе го добиеме назад. Во меѓувреме ќе користиме возила од Итна помош Куманово. Спроведовме јавна набавка, договорот е потпишан, чекаме испорака. Возилото е набавено со наши сопствени средства, изјави директорката Захариева.
И возачот и медицинската сестра кои беа во возилото што учествуваше во синоќешната сообраќајка биле на опсервација во Градската општа болница и Ургентен центар Скопје и се пуштени на домашно лекување. Захариева рече дека се во добра состојба.
– И возачот и медицинската сестра се под стрес, во стабилна состојба, пуштени на домашно лекување, биле учесници во таква сообраќајна незгода која досега не се случила. Сме имале дефекти при транспорт на пациенти, некоја сосема лесна незгода. Можам да кажам дека по нивните изјави тие возеле со вклучена ротација, приспособена брзина. Сепак, ќе оставам истражните органи да ја завршат работата. Како и да е тоа е габаритно возило и е потребна силина од удар за да се преврти, изјави Захариева.
И пациентката која е превезувана е префрлена на Клиника за кардиологија и како што посочува Захариева, е во стабилна состојба.
Четири лица се повредени во синоќешниот судар во Скопје меѓу патнички автомобил и возило на Итна медицинска помош. Според информациите од МВР, сообраќајката се случила на крстосницата од булевар „Климент Охридски“ и улицата „Св. Кирил и Методиј“. Се судриле патничко моторно возило „фолксваген туран“ со скопски регистарски ознаки управувано од Ч.Д.(57) од Скопје и возило „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки сопственост на Итна медицинска помош управувано од В.С.(23) од Куманово.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот Ч.Д., а со телесни повреди возачот на возилото од Итна медицинска помош, сопатничката од истото возило А.К.(40) и лицето кое се превезувало како пациент Ж.Ц.(72), двајцата од Куманово.